УНИФИЦИРАЊЕ НА ЦЕНИТЕ НА ЈАВНИТЕ ПАРКИРАЛИШТА (ОД ЗАТВОРЕН ТИП)
На последната седница на Совет на Град Скопје се донесе Одлука за давање согласност на Одлука за утврдување на Ценовникот на услугите на ЈП Градски паркинг- Скопје со арх. број 07- 5109/1 од 30 Декември 2009 година, според која јавните паркиралишта во градот Скопје добија нови цени (станува збор за оние паркинг места за кои постои рампа при влез- излез на паркиралиштето односно, затворени јавни паркиралишта) .
Согласно оваа Одлука која го утврдува Ценовникот на услугите на Претпријатието, градот Скопје се подели на три зони, секоја зона со единствена цена на услугата „паркирање на јавните паркиралишта“. Цената за услугата паркирање е одредена според зоната во која влегува паркинг просторот. Колку паркиралиштето е поблиску до центарот на градот- цената е повисока. Колку паркиралиштето е пооддалечено од централното градско подрачје и цената е пониска.
ОПФАТОТ НА ЗОНИТЕ на јавни паркиралишта (од затворен тип), согласно Правилникот за определување на начинот и условите на паркирање, времетраење на паркирањето односно, негово ограничување како и начинот на означување на ограничувањето на јавните паркиралишта (донесен врз основа на член 5 и член 18 од Одлуката за јавни паркиралишта од значење за град Скопје) е следен:
Првата зона се граничи со јавните сообраќајници: - булевар Гоце Делчев - булевар ВМРО - улица Даме Груев - улица Војвода Васил Аџиларски - улица Стив Наумов
Втората зона ја формираат сообраќајниците: - булевар Гоце Делчев - булевар Свети Климент Охридски - булевар Македонија - од југоисток булевар Крушевска Република - од исток булевар Крсте Мисирков - од север Кеј Димитар Влахов
Во третата зона влегува преостанатиот дел од територијата на градот односно, оние јавни површини наменети за паркирање кои не влегуваат односно, се надвор од претходно наведениот опфат.
ЦЕНАТА НА УСЛУГАТА ПАРКИРАЊЕ на патнички моторни возила на јавните паркиралишта кои што се наоѓаат во рамки на површини или градби утврдени за таа намена и дефинирани со урбанистички план (паркиралишта од затворен тип) на кои се паркираат возила на физички и правни лица (согласно Одлуката за јавни паркиралишта од значење за град Скопје, член 5 став 1 алинеја 1, објавена во Службен Гласник на Град Скопје број 17/08) е утврдена на следниот начин:
затворени јавни паркиралишта кои влегуваат во прва зона: 45 денари/час, 4.000 денари месечна претплата и 40.000 денари годишна претплата
во оваа зона влегуваат паркинг просторите: 1. Плоштад 2. Максим Горки 3. Камен Мост
затворени јавни паркиралишта кои влегуваат во втора зона: 35 денари/час, 3.000 денари месечна претплата и 30.000 денари годишна претплата
во оваа зона влегуваат паркинг просторите: 1. Илинден 2. Градска Болница 3. Кочо Рацин 4. Музеј на Град Скопје (голем и мал) 5. булевар Македонија 3 (кај Макпетрол/Цветен Пазар)
затворени јавни паркиралишта кои влегуваат во трета зона: 25 денари/час, 2.000 денари месечна претплата и 20.000 денари годишна претплата
во оваа зона влегуваат паркинг просторите: 1. Дом на печат 2. Треска 3. Транспортен центар 4. Народен фронт
Како исклучок од горенаведените цени има кај оние јавни паркиралишта кај кои се користи мануелен систем на работа односно, механичка рампа. Цената на овие паркиралишта е: 40 денари/влез, 500 денари месечна претплата, 5.000 денари годишна претплата.
Тука влегуваат јавните паркиралиштата: 1. Зоил 2. АМСМ и 3. Тутунски комбинат
Исклучок е и јавното паркиралиште кај пазарчето во Ѓорче Петров на кое што цената за влез изнесува 20 денари. Цената за месечна и годишна претплата останува иста како кај горенаведените јавни паркиралишта кои користат мануелен систем на работа односно, 500 денари месечна претплата, 5.000 денари годишна претплата.
Цената на картичката за годишна претплата за користење на сите паркиралишта од затворен тип останува иста и изнесува 70.000 денари. |