НОВ ПРОЕКТ НА ЈП ГРАДСКИ ПАРКИНГ- СКОПЈЕ
ПРОЕКТ ЗА ИЗНАЈМУВАЊЕ ВЕЛОСИПЕДИ ВО СКОПЈЕ

СКОПЈЕ ИЗНАЈМИ ВЕЛОСИПЕД ОСТАВИ ГО АВТОМОБИЛОТ, ВОЗИ ВЕЛОСИПЕД
Јавното претпријатие за јавни паркиралишта Градски паркинг- Скопје заедно со својот основач- Град Скопје на 18 Јули 2010 година ја пресекоа, овој пат, зелената лента и официјално го отворија Проектот за изнајмување на велосипеди во Скопје под мотото „ОСТАВИ ГО АВТОМОБИЛОТ, ВОЗИ ВЕЛОСИПЕД“.
Проектот на ЈП Градски паркинг- Скопје му е доделен од Град Скопје како едно од јавните претпријатија формирано со цел да го уредува и одржува сообраќајот како стопанска дејност и како Претпријатие кое веќе има постојки (јавни паркиралишта) низ градот каде може да се стационираат и велосипедите за изнајмување па оттука, како најсоодветно да го имплементира овој Проект Градот Скопје му го додели на Јавното Претпријатие за јавни паркиралишта Градски паркинг- Скопје. Системот на изнајмување велосипеди е замислен како дел од системот за јавен транспорт во градот. Овој систем за изнајмување велосипеди се воведува заради користење на велосипедот како превозно средство (особено во централното градско подрачје) за олеснување на секојдневните потреби при дневна миграција на граѓаните како и за рекреативни и туристички потреби.
Активностите коишто Град Скопје ги реализираше во изминатиот период, како бележење на велосипедски патеки, воспоставување на непрекината велосипедска врска меѓу источниот и западниот дел на градот, обновувањето и поставувањето на хоризонтална и на вертикална сигнализација, поставување на држачи за велосипеди и сега воведениот систем за изнајмување на велосипеди го заокружува процесот наречен „велосипедот како транспортно средство“. Ова се надополнува и со добрата географска поставеност на градот Скопје којашто го вбројува во градовите коишто имаат одлични пред- услови за изградба на велосипедска инфраструктура односно, велосипедот да биде дел од понудата за алтернативно градско транспортно средство.
За почеток, во оваа прва фаза од имплементација на проектот, граѓаните на главниот град ќе можат да изнајмат велосипед на три локации во градот: - на јавното паркиралиште Треска, - јавното паркиралиште Плоштад Македонија и - во Општина Аеродром, Населба Аеродром поточно кај Трговскиот Центар Бисер. Оваа бројка на постојки/ станици на кои ќе може да се изнајми велосипед, во иднина очекуваме постепено да се зголемува, во зависност од расположението и заинтересираноста на граѓаните и посетителите на градот.
Интересен сегмент кај овој проект е можноста, велосипедот кој е изнајмен од една постојка, да биде вратен на друга. На пример, доколку корисникот изнајми велосипед од станицата во Аеродром истиот, може да го врати на Плоштад Македонија или пак на постојката на јавното паркиралиште Треска.
Цената за изнајмување велосипед изнесува 10 денари по час со цел да му овозможи реални услови на секој граѓанин, корисник на услугата, лесно да стигне до велосипед, да се обезбеди поголема мобилност на системот, поголема искористеност и фреквенција на велосипедите, да се создаде поголема циркуларност. На почеток од проектот се располага со седумдесет велосипеди (бројката понатаму, во зависност од искуството, се очекува да порасне) сепак, ова е иницијален, пробен период во кој ќе се увидат потребите па и недостатоците на системот/ проектот. Пред започнување со работата околу проектот, консултирани беа условите на изнајмување велосипеди на останатите соседни и европски метрополи.
Проектот е со пријателски практики кон животната средина- употребата на велосипед во секојдневниот транспорт преку уредување на повеќе пунктови/ постојки за изнајмување велосипед заради употреба како градски транспорт и подигнување на јавната свест за промена на навиките на жителите на градот Скопје и употреба на алтернативни средства за јавен транспорт а со тоа и заштита на животната средина.
Скопје е град кој има одлични предуслови за користење велосипед. Проектот има за задача да овозможи изнајмување велосипед низ целата територија на градот, превозно средство кое ќе го замени автомобилот и останатите превозни средства кои придонесуваат во загадување на амбиенталниот воздух. Секојдневниот транспорт, или едноставно прошетка со велосипед, придонесува во: намалување на градската бучава, намалување на сообраќајниот метеж и гужва, заштеда на домашниот буџет, зголемување на личниот имунитет и сопствената здравствена и физичка спремност се дек од погодностите, лични/ индивидуални и колективни/ друштвени, при употреба на велосипед. |