EN МК
Прва страница За нас Контакт Мапа на сајтот
 
зонско паркирање

ЗОНСКО ПАРКИРАЊЕ ВО СКОПЈЕ

ПАРКИРАЊЕТО СТАНУВА ПОЛЕСНО
ПОВЕЌЕ МЕСТО ЗА СИТЕ

На ден 24 Август 2009 година, Понеделник, за граѓаните на главниот град Скопје се воведе еден поинаков начин на уредување на сообраќајот во мирување- зонско паркирање. Што значи тоа? Кои се предностите од ваквиот начин на паркирање?

Новиот начин на т.н. зонско паркирање се воведе со цел да се надогради постоечкиот концепт на паркирање во градот, да се зголеми бројот на слободни паркинг местата во градот, да се создадат соодветни и современи услови на јавно паркирање.

Зонското паркирање се употребува да означи ограничувања на паркирањето во едно дефинирано подрачје/ територија- контролирана паркинг зона (КПЗ). Суштински дел на сообраќајното управување подразбира контрола- ограничување на паркирањето, чијашто цел е да се усогласат барањата и потребите за паркирање. Зголемениот обем на сообраќај ја наметнува потребата од означување на места за паркирање покрај коловозите и на градските улици. Цел на овој пристап е да се избегне метежот кој се создава при барање на слободно место за паркирање. Оттука и потребата од решавање на проблемите во сообраќајот, управување со паркирањето и воведување на контролирани паркинг зони како современо решение кое што ќе воведе ред во динамичкиот и стационарен сообраќај. Зонското паркирање е вообичаен јавен сервис и неопходен сегмент во урбаниот квалитет на живеењето.

Во управувањето и контролата на зонското паркирање се воведени нови технологии и безжична комуникација. Ефектите од воведувањето на зонско паркирање ќе се одразат врз:
- подобрување на животната околина;
- подобрување на сообраќајниот тек;
- зголемување на искористеноста на секое паркинг место- обрт и измена на паркирањето;
- можност, посетителите во што поголем број да ги посетуваат објектите кои гравитираат во зоната- стимулација на комерцијалните објекти заради нивна што поголема посетеност;
- подобри услови за движење на возилата на итните служби- прва помош, против пожарните специјални возила и сл.;
- поголема безбедност на учесниците во сообраќајот;
- полесен и поефикасен начин на плаќање- нов, модерен и кориснички ориентиран наплатен метод- мобилно плаќање (интегриран систем за наплата и контрола на уличното паркирање, систем кој ги интегрира системот за контрола на паркирањето и системот за наплата; интегрираниот систем на корисниците им нуди едноставен и брз начин на плаќање на услугата и тоа: СМС плаќање и контрола и плаќање со билети- греб картички. Системот за наплата и контрола на уличното паркирање нуди можност за комплетна контрола на плаќањето, без можност за злоупотреби, без издавање на сметки, чување ситни пари и сл.
- со зонското паркирање се зголемува квалитетот на услугата паркирање.

За реализацијата на овој проект се користеа искуства од другите соседни (Ниш, Белград, Загред) и европски градови.

Со воведување на зонското паркирање, Скопје се групира најпрвин во три зони: прва А зона (црвена), втора B зона (жолта) и C трета (зелена) зона за потоа да се прошири со уште една, четврта, D (бела) зона која е замислена да ги опфати поодалечените Општини на градот како: Општина Аеродром, Општина Карпош, Општина Чаир, Општина Кисела Вода итн.

Првата фаза од имплементација на проектот ги опфати: улицата „Даме Груев“ (започнува кај Полициската станица Беко кон Собранието на РМ и спаѓа во прва црвена зона) и улицата „Мито ХаџиВасилев Јасмин“ зад хотел Бристол (втора жолта зона).

Втората фаза од имплементација на Проектот оспособи дел од третата зелена зона при што зонското паркирање се воведе на три улици во Населба Дебар Маало: улица „Орце Николов“, улица „Ленинова“ и улица „Ѓуро Ѓаковиќ“. Во оваа фаза се оспособи и јавната површина наменета за паркирање „Агромеханика“ на улица „ВМРО“.

Во третата фаза, територијата на контролираните паркинг зони се прошири односно, се воведе четвртата бела зона во Населба Аеродром и тоа зад Т.Ц. Бисер и зад Веро (кај Рударски Институт). Согласно изработените сообраќајно- технички решенија, зонското паркирање во оваа населба ќе се спроведе и кај Т.Ц. Три Бисери и Т.Ц. Скопјанка.

Со започнување на проектот, согласно динамиката на реализација, се остави простор за прилагодување на граѓаните, стекнување навика и нивно информирање: до 1 Октомври 2009 година секое прво паркирање беше бесплатно; со т.н. доплатни карти (кои се издаваат за непочитување на одреденото дозволено време на задржување при паркирање, поставување на невалиден односно, неисправен билет, непочитување на хоризонталната и вертикална сигнализација или паркирање на неинвалидизирано лице на место за лица со посебни потреби) се започна од Понеделник, 19 Октомври 2009 година.

ПРЕДНОСТИ НА ПРОЕКТОТ ЗА ГРАДОТ
- Транспарентен проток на пари како последица на неготовинско плаќање;
- Дополнителени приходи во градскиот и државен буџет;
- Проектот не вклучува капитални инвестиции од страна на градот;
- Онлајн пристап до статистички податоци...

ПРЕДНОСТИ ЗА КОРИСНИЦИТЕ
- Практичност и едноставност на користење;
- Не се користи готовина;
- Можност за продолжување на времето на паркирање од далечина;
- Можност да се добие потсетник за истекување на дозволеното време на паркирање;
- Регулирано паркирање на возилата на сопственици кои перманентно/ постојано живеат во зоната- станари, паркирање на посетители, паркирање на возила на вработени во деловните објекти на зоната, центар за повици заради опслужување на корисниците.
- Корисникот може да ја надополни сметката кога сака и колку сака;
- Можност да се менаџира сопствениот профил, да примате извештаи, вршите плаќање, увид во историјата на сите паркирања.

ПРИДОБИВКИ ЗА ПРАВНИТЕ ЛИЦА
Со регистрирање како деловен корисник се добиваат дополнителни придобивки, покрај општите придобивки од зонското паркирање:
- сметка секој месец за сите паркинг сесии на вработените, со што се намалува административната работа и се добива подобар преглед на паркинг сесиите и трошоците;
- можност да се постават ограничувања во работини денови и по работно време за секој корисник. На овој начин може да се контролираат трошоците и работодавачот да се осигура дека вработените се паркираат на сметка на компанијата само во работните часови;
- се намалуваат трошоците, не само поради поефикасната администрација туку и поради тоа што се врши наплата само за точното време кога било извршено паркирањето, со што на долг рок се намалуваат трошоците за СМС- пораки;
- можноста за плаќање со мобилен телефон го намалува ризикот од добивање на доплатна карта за паркирање.

ЦЕЛИ НА ПРОЕКТОТ ЗА ЗОНСКО ПАРКИРАЊЕ
- Поголем проток на возила;
- Секогаш слободно место за паркирање;
- Намалување на времето на барање слободно паркинг место со што се намалува загадувањето и се подобрува безбедноста на сообраќајот во Централното Градско Подрачје;
- Подобар квалитет на опслужување на корисниците;
- Поставување на поефикасна политика во управувањето со сообраќајот во мирување во Централното Градско Подрачје.

зонско паркирање
контакт
дозволено време на задржување
начини на наплата
цени на паркирањето во зони
време на наплата
потребни документи при аплицирање за услугата
опфат на површината на Проектот
опис на Проектот за зонско паркирање