ЈП „ГРАДСКИ ПАРКИНГ“ СО НОВА АПЛИКАЦИЈА ЗА БРЗО И ЛЕСНО ПЛАЌАЊЕ ПАРКИНГ

Следејќи ги трендовите за дигитализација на услугите, ЈП „Градски паркинг“- Скопје денеска (13.9.2023 година) ја пушти во употреба апликацијата Parking.MK за зонско паркирање која ќе биде достапна за користење на IOS и ANDROID уредите. Апликацијата е бесплатна за симнување, едноставна за примена и нуди низа поволности, меѓу кои, можност преку ГПС прецизно и точно да се утврди локацијата на возилото на корисникот, а со тоа и зоната на паркирање, потоа брзо и безбедно плаќање со наведување на дебитна или кредитна картичка, листа на историја со плаќања и слично. 

Ова е уште еден начин со кој јавното градско претпријатие „Градски паркинг“ ги приближува своите корисници до едноставно, брзо и паметно плаќање на нивните услуги. По воспоставувањето на трите начини на поедноставено плаќање на паркинг услугите преку СМС порака, QR код и грепки, новината која носи уште поголема леснотија за корисниците е мобилната апликација Parking.MK.

Целта на Град Скопје и ЈП „Градски паркинг“ е постојано унапредување и подобрување на услугите за граѓаните кои ги користат јавните паркиралишта, особено преку можноста едноставно, брзо и паметно да се плати паркинг услугата.