Демант на обвинувањата упатени кон в.д. Директорот Христовски од страна на политичката партија Демократски Сојуз

На ден 08.03.2022 година, политичката партија Демократски Сојуз во јавноста излезе со соопштение во кое се искажани клевети на мое лично име и на сметка на ЈП Градски Паркинг. Од таа причина, како в.д. Директор на претпријатието должен сум да реагирам, демантирам и коментирам. 

Имено, во целост ги отфрлам сите клевети и обвинувања, а обидот за навреда и ниското ниво на комуникација изразено преку ова општење со јавноста, од страна на една политичка партија говори за самите нив. 

Верувам дека се свесни дури и кога не ја говорат вистината, но во исто време, до некаде можам и да ја разберам нивната фрустрација, страв и срам од се што излезе во јавност за работењето на ова претпријатие во минатото. Обвинувањата и клеветите можеби ќе продолжат, но граѓаните, а и вработените во претпријатието ќе ценат и судат. 

Ја разбирам нервозата кај одредени политички структури кои сакајќи да го закочат преструктуирањето на претпријатието, неговото враќање на градот и граѓаните од рацете на личните интереси на поединци и структури, наоѓаат маана и критикуваат се и сешто, но Градски Паркинг им припаѓа на скопјани.

Едно е сигурно, ова претпријатие и вработените во него, никогаш повеќе нема да финансираат, промовораат и заштитуваат политичка партија. Нема да се злоупотребуваат средствата и опремата за лични и партиски цели. Нема да се повластуваат со бесплатен и резервиран паркинг политички и други видови на моќници. Новото раководство обезбеди позитивна работна клима и визија за развој. Сето тоа мотивираше голем број на професионалци во претпријатието да бидат гласни, да стават стоп на политичкиот непрофесионализам и конечно да се стави ред во ЈП Градски Паркинг- Скопје.

На крајот, слободно можам да кажам дека полека но сигурно завршува политичката династија наречена Демократски сојуз во ЈП Градски Паркинг- Скопје, а кој губи има право да се лути.