Покрај заложеноста на претпријатието за одржување на високо ниво на хигиената на паркиралиштата, што е една од главните активности периодов, по насока на Директорот на ЈП Градски паркинг- Скопје, Бојан Христовски, службите извршија акција за дислоцирање на некористени службени возила од катната гаража Беко и ослободување на „резервирани“ паркинг места. Акцијата се изврши со цел да се ослободат повеќе паркинг места.

Имено, во наведената катна гаража, на кат -1, подолг временски период беа паркирани  сужбени возила кои не се користат и непотребно зафаќаа 12 означени паркинг места. Исто така, имаше и 24 паркинг места кои до сега од непознати причини беа „резервирани“ за непознати корисници, а паркирање на тие места не беше дозволено. Со акцијата се ослободија вкупно 36 паркинг места и се ставија во функција на корисниците. Воедно, службите на претпријатието извршија машинско чистење на кат -1 со што целосно се отрани насобраниот смет.

Би сакале да додадеме дека катната гаража Беко е лоцирана на ул.„Даме Груев“ во строгиот центар на градот и располага со вкупно 605 паркинг маста, организирани на 2 ката подзено ниво и 6 ката надземно ниво. Од вкупниот број паркинг места, 16 се резервирани за лицата со попреченост и 3 за родители со мали деца, сите соодветно обележани со хоризонтална сигнализација. Паркинг местата за родители со мали деца се наоѓаат на кат -1, а паркинг местата за лицата со попреченост се соодветно распределени по катови. Исто така, на кат -1 поставен е еден електричен полнач со два излеза за електрични автомобили. Полнењето и паркирањето за време на полнењето на електричните автомобили е бесплатно. Цената за час паркирање во катната гаража изнесува 30ден., а услугата паркирање на месечно ниво за вработени, физички и правни лица изнесува 2000 ден. Доколку заинтересираните корисници од категориите физичко и правно лице склучат договор на годишно ниво и извршат еднократна уплата за цела година, цената изнесува 20000 ден.

Во врска со горенаведеното, сакаме да апелираме до граѓаните заедно да се грижиме за хигиената на паркиралиштата и да не ги паркираат своите возила на обележаните паркинг места за лицата со попреченост и за родителите со мали деца. Исто така апелираме граѓаните да ги користат и паркоматите за плаќање, како и кога плаќаат паркинг да ги оставаат автомобите на нивното паркинг место, а не пред излезните рампи. Со тоа ќе се спречи метежот пред излезот и ќе се овозможи слободен проток на возилата.